Sunday, April 20, 2014

Ирина Тошева П/Л '14: Калеидоскопски поглед кон минатото

Ирина Тошева П/Л '14, фото: А.Д.
По нејзината најнова ревија, која како и секогаш се фокусира на едноставни парчиња чијшто печат е носливоста, дизајнерката Ирина Тошева беше „обвинета“ за комерцијализам. Да разјаснеме – комерцијализмот во светски рамки ретко се употребува во негативна конотација бидејќи примарната цел на модниот бизнис е да остварува профит, а во случајот на Тошева не може да се употреби во својата буквална смисла бидејќи дизајнерката изработува по најмногу три до четири дупликати од секое парче кое се нашло на модната писта без можност за масовно производство.

Можеби најсоодветниот термин за именување на нејзиниот стил – иако не сум љубител на етикетирањето, би бил минимализам на италијански начин. Тошева, исто како и своите колеги Бобан Илиевски и Александра Митковска, завршила моден дизајн во Италија кајшто се негуваат функционалноста и можноста парчињата да се носат во секоја прилика.

Тоа е токму она што дизајнерката ни го прикажа во пролетната колекција на Скопскиот моден викенд која главно се состои од комбинезони и кратки фустанчиња во впечатливи бои, надополнети со шарен дезен кој влечи инспирација од тапетите во седумдесеттите години и калеидоскопските геометриски фигури. Силната страна на колекцијата особено ја истакнуваат структуираните комбинезони со асиметричен дизајн на грбот – тренд што се појави и кај овосезонската колекција на Росица Мршиќ, нежните парчиња од ласерски сработен жоржет и кружните очила за сонце со поларизирани триаголни стакла кои се преливаат во различни нијанси.

Она што не е забележливо од далеку, а е битна нишка која ја пренесува приказната од едно на друго парче во колекцијата, е разнобојниот светкав конец на рабовите кој во добар дел го балансира недостигот од иновативни кроеви и симетрични силуети на одредени места доколку се одземат бојата и дезенот. Но, на крајот од денот, Тошева најдобро ја познава сопствената клиентела која е очигледно приврзаничка на впечатливиот минимализам и не ја интересира сложеноста на кроевите, па тоа сезона по сезона одлично ѝ го нуди.

No comments: