Friday, April 25, 2014

Антонија Ристовска П/Л ’14: Арт деко со вкус на Бургер кинг

Антонија Ристовска П/Л '14, фото: А.Д.
Вчеравечер македонската модна елита го доживеа својот “њујоршки момент“. Како што американскиот миленик Александар Ванг оваа сезона ја довлечка својата пуб-лика во Бруклин, така и модната дизајнерка Антонија Ристовска за дваесеттиот јубилеј нè однесе во “центарот на лежерната мода“ Аеродром. Иако гостите не го испочитуваа “дромскиот“ дрес-код на тренирки и патики, сепак за време на ревијата беа опкружени со урбаното чувство на овој дел од градот благодарение на Бургер кинг и Чилбокс чијшто мирис на брза храна се мешаше со гламурот на парчињата.

Преку годините Ристовска докажа дека не е креативец кој се плаши од експерименти-рање со нови техники – пример за тоа се нејзините најуспешни колекции од прет-ходната декада каде што таа игра со тра-диционалните везови, асиметричното плисе и плетките, па така и овојпат презеде ризик кој, за жал, не секогаш се исплати. Инспирирана од правецот на строгите геометриски форми арт деко, дизајнерката во некои парчиња инкорпорираше тродимензионални коцки кои иронично постигнаа спротивен ефект и се изгубија помеѓу многу подоминантните рачно изработени рози, но, на места архитектонскиот пристап овозможи подобра конструкција и внесе свежина во колекцијата.

Она на што човек може да се обложи пред секоја ревија на Ристовска е дека парчи-њата ќе бидат одлично изработени, па и овојпат никој не го изгуби влогот, но изборот на бои и материјали варираше од еден екстрем до друг, овозможувајќи неконвен-ционален спој на две противставени идеи. Како што колекцијата прогресираше, така напредуваше и квалитетот на материјалите, па кон крајот видовме неколку пара одлично скроени панталони со речиси невидливи рабови и класични црно-бели тоалети надополнети со копчиња и накит со дизајнерски потпис кои умешно ги засенија Барби-палетата на бои и полуматурските кратки фустанчиња што ги видовме на почетокот.

На крајот од денот, неспорно е дека Антонија Ристовска е една успешна македонска модна дизајнерка со препознатлив женствен стил и дваесет години на македонската сцена, па и не е толку важно дали сезонските ризици се исплатиле или не кога нејзината клиентела постојано ќе се враќа барајќи ги лелеавите тоалети кои се неизбежен дел од ДНК на брендот. Како што многумина се согласуваат, подобро е да бидеш иновативен и во центарот на вниманието, отколку постојано да си здодевен.

1 comment:

Виктор said...

http://cdn.swaggernewyork.com/media/2013/09/tumblr_mffsimEb8F1r3ty02o1_500.gif